Стратегија за занаетчиство - 20.6.2010

 

На ден 01.06.2010 година во Занаетчиска Комора Скопје беше одржан состанок за стратегијата за занаетчиството со претставници- експерти од Занаетчиска Комора Кобленц Германија, и тоа: г-дин Глазер, г-дин Вајдман, г-дин Кат и г-ѓа др Евелина Парванова.

На работниот состанок за стратегијата за занаетчиството учествуваа : Извршниот Директор на ЗК Скопје г-ѓа Снежана Денковска, Анета Атанасовска-Занаетчиска Комора Скопје, Претседателот на собранието на ЗКРМ г-дин Енвер Абди, Маријана Дрварова-Јовановска - ЗКРМ, претставници од Занатчиските комори на Куманово, Прилеп и Струмица, Дебар и Гевгелија.

Присутните по разгледувањето на изготвената стратегија за занаетчиство за Р. Македонија дадоа свои забелешки по однос на концепцијата и содржината на Стратегијата за занаетчиство која треба да го потикнува и помага развојот на занаетчиството во Р. Македонија.

Вториот дел од работилницата се одржа на 02.06.2010 година, кога повторно беше разгледувана стратегијата за занаетчиство, со цел стратегијата да ги оствари своите цели за подршка, организирање и развој на занаетчиството во Р. Македонија.

Во стратегија за развој на занаетчиство истакнато занаетчиството во Македонија и долгогодишното постоење на нашите простори. Значењето на занаетчиството не се состои само во посебниот придонес за економскиот развој и за покривање на најразличните потреби на луѓето во земјата. Занаетчиството придонело и за образование на занаетчискиот подмладок, така што вештите мајстори-занаетчии не само што ги воведувале младите луѓе во занимањето, туку имале и улога на ментори во целосниот развој на нивната личност.

Занаетчиството создавало работни места, и, на тој начин, ги намалувало социјалните тензии. Занаетчиството секогаш отворало можности за социјално слабите и за болните лица.

Во струкови сојузи, здруженија и во комори, занаетчиството во нашата земја секогаш покажувало занаетчиска солидарност, ги почитувало квалитетот и сигурноста и го унапредувало професионалниот и социјалниот ангажман на занаетчиите.

Во Стратегијата за занаетчиството во Р. Македонија се потенцираат целите и задачите во поглед на: Оптимизирање на снабдувањето во регионална и национална област со стоки и услуги, Постојано подобрување на квалитетот на занаетчиски производи и услуги во полза на потрошувачите, но и за зголемување на конкурентната способност на претпријатијата со оглед на идното членство во Европската Унија, Зголемување на бројот на успешни занаетчиски претпријатија, а со тоа и на придонесот во националниот производ, намалување на невработеноста во земјава, Подобрување на квалификацијата на сопствениците на претпријатијата и на нивните вработени, и др.

Најважните услови за постигнување на поставените цели, македонската политика ги создаде уште со донесување на македонскиот Закон за занаетчиството од 7.09.2004 година.

Во овој закон законодавецот во позитивниот развој на занаетчискиот сектор гледа цел што ја следи државата. Мерките за зголемување на успехот и на конкурентната способност на претпријатијата треба да ги спроведува занаетчиството во сопствена режија.

Стручното образование и квалификацијата имаат ранг на важен интерес на државата. Организацијата и спроведувањето на мерки за стручно образование и стручно усовршување (вклучувајќи го мајсторскиот испит) во најголема мера е во рацете на занаетчиското самоуправување.

Освен тоа, законодавецот му дава на занаетчиството право, па и обврска, изрично да ги застапува неговите економски, социјални и општествени интереси во јавната сфера.

Стручното образование претставува заедничка задача на државата и на економијата.

За дефинирани заеднички области на дејствување на државата и на економијата, извршните организации на стопанството и на занаетчиството треба да ја имаат поддршката од државните органи во извршувањето на нивните задачи.

Конкурентноста на малите и средните претпријатија е во тесна врска со способностите, а со тоа и со квалификациите на лицата што дејствуваат во претпријатијата. Во тие претпријатија, факторот на трудот има поголемо значење од капиталот. Образованието, па и стручното образование, кои го определуваат квалитетот на факторот 'труд', се државна надлежност, кои треба да добијат соодветна поддршка.

Изградбата и одржувањето на системи за стручно образование треба да се поддржуваат интензивно, па затоа таа задача не може да ја врши само занаетчиството. Државните институции треба да имаат витален интерес за функционални организации за стручно образование и за установи за стручно образование.

 

Скопје, 15.06.2010 година

 




Назад Испрати на пријател Печати